Електрично броило запалило подрум на зграда
Во зграда на улицата „Васил Драгомански“ бр.2 завчера околу 18.30 часот, дошло до експлозија на електрично броило, кое предизвикало пожар во подрумските простории.

Огнот ја зафатил електричната табла и електричната инсталација при што започнал да се шири во просторијата.
Станарите откако забележале дека во зградата се шири чад, исплашени за себе и своите деца веднаш повикале пожарна. Револтирани велат дека екипа на ЕВН доцнела еден час, поради што огнот се проширил и претрпеле поголема штета. Становите се сочувани, но стравуваат дека дел од апаратите за домаќинство им се расипани.
„Имаме мали деца во зграда, немаше ни скала, ништо не се донесе за да се спуштат децата. Горе беа децата цело време. Ќе се завршеше за 5 минути цела работа, а ЕВН дојдоа по еден час, исклучија струја, го изгасивме пожарот, но зградата гледате во каква состојба е. Не знаат каде е улица „Васил Драгомански“, исклучиле струја кај Турска пекара, на „Октомвриска“, на „Васко Карангелески“, а овде се распали сè. Штета, еве сега зборевме за варосување ни бараат 70.000 денари, за поставување на струјомери, гардеробата мириса на чад, теписи, вратите влезни се стопени на цела зграда“- вели Моме Костадиновски, станар.
Станарите велат дека ќе ја тужат ЕВН затоа што не реагирала навреме и дошло до пожар со голема материјална штета.
Од ЕВН Македонија ги отфрлаат обвинувањата и велат дека во никој случај не се работи за нивна неажурност.
„Чекаме од полиција да ни кажат кои се причините, зошло дошто до пожарот. Поставивме кабел, кога ќе им биде санирана внатрешната инсталација ќе се стават и броила“- вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.
Во меѓувреме станарите се кај роднини додека не добијат струја во зградата. Во оваа зграда на два ката, во 6 стана живеат триесетина жители.