Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
И ова лето останаа без вода фонтаните на Градскиот плоштад во Куманово. Наместо жубор и пријатно освежување кога ќе се помине покрај нив, фонтаните „Батко Ѓорѓија“ и „Четири бандери“ стојат запуштени и неугледни. Третата фонтана пред петокатницата е целосно руинирана.
Граѓаните велат дека е штета што фонтаните не работат, бидејќи тие треба да го освежат центарот на градот.
„Вака запуштени не изгледаат убаво. Се се уништи кај нас, дел од самите граѓани, а дел од оние кои не можат да ги менаџираат, или не умеат да ги сочуваат од уништување и да ги фатат тие што прават бељи“, коментира пензионерот Миле Б.
Надлежност да ги стави во функција, сервисира и одржува фонтаните во градот има Општината.
„Не верувам дека ќе ги пуштат, ако веќе до сега не се ставени во функција“, истакна Момчило Јовановски, заменик раководител на комуналното одделение.
Надлежните тврдат дека градските фонтани имаат доста дефекти на електричната инсталација, која може да предизвика проблем ако некој се капе во базенити. Минатото лето кога ја пуштија фонтаната „Батко Ѓорѓија“ , деца влегоа во водата, а во текот на ноќта беше уништена електричната инсталација.
До пред десетина години за одржување и функционирање на фонтаните била задолжена приватна фирма, избрана на тендер. Од тогаш никој не знае да прецизира кој треба да поведе постапка, да ги отстрани евентуалните недостатоци и дефекти, да ги исчисти и стави во функција украсните фонтани.
За разлика од фонтаните во центарот на градот, новата фонтана во Соколански парк е во функција, како и чешмичињата од кои граѓаните можат да се пија вода, со исклучок на онаа пред Центарот за култура, која е исклучена поради реконструкцијата на плоштадот.