Мени

Ѓубрето од Куманово се носи на „Дрисла“, продолжува блокадата на „Краста“

11.10.2026 11:49 | Сузана Николиќ

Ѓубрето од Куманово, од синоќа се носи на скопската депонија „Дрисла“, откако жителите на Пчиња и Студена Бара не го прифатија предлогот на Кризниот штаб за отстранување на блокадата на депонијата „Краста“.

Ѓубрето од Куманово се носи на „Дрисла“, продолжува блокадата на „Краста“

Градоначалникот Максим Димитриевски објави дека е најдено привремено решение со поддршка од неговите колеги Ѓорѓиевски и Јанчев, како и од премиерот Христијан Мицкоски.

„Благодарност за нивните заложби да помогнат во справувањето со проблемот со транспортот на сметот до оваа локација, како и на менаџерскиот тим на „Дрисла““, напиша Димитриевски.

Тој најави дека ќе продолжат активностите за интензивна санација на депонијата „Краста“ и надминување на проблемот.

„Во мое лично име и во име на менаџерскиот тим на ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово, им се извинувам на моите сограѓани кои, поради блокадата на нашата депонија, се соочуваат со сериозен проблем, кој ќе биде надминат во најбрз можен рок“, додаде Димитриевски.

Стојан Стојковски, претставник на месната заедница и претседател на „Еко Пчиња“, изјави дека жителите не му забрануваат на јавното претпријатие да го собира сметот во Куманово и да го носи во „Дрисла“. Според него,  надлежните можат да го организираат транспортот.

„Нашите ставови се јасни. Не се повлекуваме од блокадата додека не се изгасне опожарената депонија. Сметаме дека е кривично дело да се носи нов смет на опожарена депонија, а потоа повторно да чади кон селото и да се повтори истата ситуација. Шест месеци ништо не беше преземено, а по најавата за блокада почнаа да работат. Сега сакаат проблемот да го решат одеднаш“, рече Стојковски.

Блокадата на „Краста“ трае шест дена, а жителите се децидни дека нема да се повлечат сè додека не се реши проблемот.