Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повреден пешак, место да се лекува во Кумановската болница, заминал дома, по што починал.
Жика Крстевски (50) од Куманово во понеделникот во 17.40 часот бил повреден во сообраќајна несреќа, додека се движел по улица во населбата Карпош. Во него удрило „тико„ со кое управувал С.П.(43) од Куманово, од периферијата кон центарот на градот.
По несреќата, повредениот пешак, со возило на Брза помош бил пренесен вo болницата. Таму му била пружена лекарска помош, по што Крстевски си заминал. Наредниот ден, во вторникот починал дома. Семејството го пријавило случајот во полиција, која извршила увид на лице место. Телото било дадено на обдукија, за да утврди причината за смртта.
Од Кумановската болница велат дека тие не го испуштиле пациентот од болница, туку тој самоволно си заминал дома, без нивно оддобрение.
„Пациентот беше донесен на хируршкото одделение околу 21 часот без документи. Веднаш беше прегледан и му беа направени ренген снимања на главата, градниот кош и карлицата. Немаше видливи повреди на телото, отворени рани или крварење, ниту пак скршеници или повреди на стомакот. Сите витални функции му беа стабилни. Поради тоа, го пративме на интерното одделение на алкохолна детоксикација, за да можеме да продолжиме со испитувањата и прегледите. На одделнието го однесоа наши болничари и кога по извесно време отидоа да го вратат од интерно им кажале дека тој викал такси и си заминал дома,- објаснува дежурниот лекар кој го примил пациентот.
Лекарите велат дека тие не можат на сила да ги задржат пациентите на лекување, а во овој случај немале можност да го бараат бидејќи тој не поседувал документи со него.
Полицијата работи на утврдување на причините за несреќата и смртта на Крстевски.
(Вест)