Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово денеска го слави 11 Октомври - Ден на народното востание на македонскиот народ и Ден на борецот.
Востанието било кренато против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на Македонија. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.
И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје, Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.
Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Во кумановско, на 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред – на 17 октомври. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата во кумановско.
Поради големото значење на овој настан во нашата историја, многу училишта, улици, претпријатија во Македонија го носат името „11 Октомври“.