Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од општинската организација на ГРОМ Куманово денеска на прес-конференција рекоа дека до локалната власт ништо не допира, ниту пофалби, ниту критики.
Ја пофалија општината за санирањето на дупките по улиците, но предупредуваат да се води сметка за квалитетот за да не се “крпат“ истите дупки по два пати годишно.
На шеталиштето на Градскиот кеј светат само неколку сијалици. Па ајде, што чекате, осветлете го тој простор, па срамота е, граѓаните плаќаат за тоа да се шетаат по осветлени патеки. Кога сме кај осветлувањето ајде да ве замолиме да ставите барем една сијалица на улицата “Ѓорче Петров“ на угорнината од маркетот Туш, кон населбата Перо Чичо , а исто така и на потегот од крстосницата на улиците “Трета МУБ“ и “Б.Б.Гуцман“, кон локалитетот Стара бања каде што е “ќор темнина“. Повторно ќе кажам дека е срамота, но и греота за тие наши сограѓани кои ги користат овие, но и многу други улици да стигнат до своите домови - изјави Зоран Петрушевски, член на Централен одбор на ГРОМ.
Петрушевски потсети дека членови на избирачките одбори од минатите избори не се исплатени, и побара влезот на Куманово да биде означен со табла, како и да се реши проблемот со канализационата мрежа во населба Бедиње која со месеци не функционира.