Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Куманово има повеќе нови станови од потребното, пазарот е презаситен а продажбата намалена.
Според слободна проценка на луѓето кои се занимаваат со изградба и продажба на станови, во градот има околу 800 станови во фаза на градба од кои најмалку 700 подолго време ќе чекаат купувачи.
Ние моментално имаме околи 40 стана кои се во фаза на градба и не се продадени, а не ни очекувавме дека ќе ги продадеме веднаш бидејќи обемот на продажба е паднат. Тоа ја отежнува градбата за понатаму.- изјави Миомир Краљевски, директор на А.Д “Козјак“.
Тој објаснува дека причината за падот на продажбата е намалениот број на гастарбајтери во Авганистан.
Поголемиот дел од нив го решиле станбеното прашање, а некои допрва ќе одлучат мислејќи дека цената ќе падне. Цената е доведена на работ на рентабилност и кај нас сигурен сум дека нема да паѓа. Цената се движи од 550 до 650 евра за квадрат зависно од локација - додава Краљевски.
Иван Џартовски, менаџер за продажба во агенцијата за недвижности “Емералд“ објаснува дека во Куманово се продаваат од 200 до 300 станови годишно. И тој потврдува дека вишок станови има, а допрва ќе се градат нови станови за кои тешко ќе се наоѓаат купувачи.
Луѓето мислат дека ќе паѓа цената, но не паѓа цената туку квалитетот. Економската исплатливост на инвеститорите не може да оди пониско од оваа цена. Добра документација, квалитетна градба не смее да биде под 600 или 650 евра по квадрат. Станот не е само место за живеење, туку е животна инвестиција. Утре ако му треба хипотекарен кредит, банката не дава кредит за секој стан, мора да е нов, квалитетен стан. Ако не се исплати хипотеката во тој случај банката мора да го продаде. За некои работи се штеди - вели Џартовски.
Тој објаснува дека обично млади брачни парови или печалбари од Авганистан купуваат станови, а миграција има од село во град или од приградска населба во центар. Најголема побарувачка има за станови во центарот на градот. Граѓаните обично се одлучуваат за трисобен стан, а приоритет им се пониските катови во станбените згради.