Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот кеј, викендов се одржа хуманитарниот есенски тениски турнир “Куманово 2013“.
На турнирот се собраа 20.000 денари кои ќе бидат наменети за Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост “Порака наша“. Учество зедоа 50 тенисери, претежно членови на тенискиот клуб “Куманово 2010“.
Ротари клуб Куманово ни дава поддршка од самото основање со повеќе хуманитарни настани. Благодарност до тениски клуб “Куманово 2010“ и нивниот претседател е член на управен одбор на “Порака наша“. Заедно се бориме за правата и живееме со проблемите кои ги имаме - изјави Благица Димитровска, претседател на “Порака наша“.
Организаторите од Ротари клуб Куманово истакнаа дека нивна цел е турнирот во иднина да биде традиционален и да се разбуди хуманоста кај граѓаните.
Сакавме да направивме нешто спортско, а истовремено и хуманитарно. Последниве месец дена се подготвувавме за реализација на оваа идеја. Во декември ќе правиме акција за собирање на облека, мебел, крводарителска акција, а во пролет ќе донираме кошеви за основните училишта. Ние работиме за доброто на заедницата - вели Љупчо Димитриевски, претседател на Ротари клуб Куманово.
Горан Китановски, претседател на тениски клуб “Куманово 2010“ смета дека на Куманово му требаат уште спортски терени за да се развива тенисот и да се организира помасовен турнир во годините кои доаѓаат.
За да може тенисот да се развие како што треба, според бројот на жители на Куманово неопходни се 20 - тина тениски терени. Во индивидуален спорт 50 ученици е доста добра бројка. Имаме средно голем турнир и сме задоволни што сите љубители на тенисот дојдоа, се пријавија и играат на турнирот - рече Китановски.
На настанот покрај тенисерите од тенискиот клуб “Куманово 2010„, учествуваа и љубители на белиот спорт, како и гости од Скопје и Велес.