07. 07. 2020 20:39

Интервју со Владо Мисајловски: Се обврзувам дека ќе го дадам својот максимум за обнова на Куманово

Интервју со Владо Мисајловски: Се обврзувам дека ќе го дадам својот максимум за обнова на Куманово

Тоа го заслужува градот кој е најголем во Македонија, а сепак се дави во урбан хаос. Се дави во неспособност и на централно, но и на локално ниво. Затоа сакаме да ги охрабриме сите граѓани во Куманово дека доаѓа обновата. Таа носи обновување на достоинството, културата, туризмот, науката, инфраструктурата и здравството, - вели носителот на листата на коалицијата „Обнова за Македонија“, Владо Мисајловски.

 

Кој е кандидатот за пратеник Владо Мисајловски приватно, за граѓаните на Куманово да добијат вистинска слика за идниот пратеник?

 Владо Мисајловски е семеен човек, сопруг, татко на две деца, тоа е за мене најважната работа во животот, тоа е она што мене ме детерминира. Но, јас исто така, сум политички активен од моите најрани години бидејќи силно верувам дека ако сакаме да го направиме општеството подобро, ако сакаме да ги постигнеме стандардите во општеството за кои копнееме, тогаш треба да застанеме и да се бориме за нашите верувања. Бидејќи силно верувам во семејните вредности, затоа сум во ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што таа е партијата која најдобро ги претставува моите вредности. Низ своето созревање, поминав низ сите партиски тела и бев и на различни партиски функции од потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ до еве сега потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ. Имам дадено свој придонес и во менаџирањето на државните институции како државен секретар во Министерството за надворешни работи и министер во Министерството за транспорт и врски, но на која и функција да сум бил секогаш и на секоја сум бил максимално посветен со целиот мој капацитет. Така планирам да продолжам и во иднина, затоа што цврсто верувам дека, покрај семејните вредности, работната етика и целосната посветеност се принципите што ќе го спасат ова општество и ќе ја зачуваат оваа држава! Затоа велам, мора да почнеме со обнова на овие вредности во целото општество за да ја обновиме Македонија, по 15-ти јули Обновата доаѓа... Ќе си ја зачуваме и ќе си ја обновиме Македонија.

Дали сте задоволни од кандидатите за пратеници на вашата листа. Сметате ли дека оние коишто ќе влезат во Парламентот ќе бидат вистински претставници на граѓаните?

 Јас сум навистина презадоволен од кандидатите за пратеници на листата на ВМРО- ДПМНЕ, тоа се чесни и вредни луѓе, ама се и луѓе кои добро ги познаваат во средините од кои доаѓаат. Со тоа и мене работата ми е многу поедноставна, бидејќи воопшто не губиме време на претставување на кандидатите туку директно зборуваме за проектите кои ги нудиме за обнова на Македонија, а тука е целата суштина, во спроведувањето на проектите. Овие луѓе зад мене на листата, како и кандидатот за премиер на Владата на Република Македонија Христијан Мицковски, се само гарант дека ќе се исполнат тие проекти. Тие проекти се обновата на Македонија.

Кои се проектите за кои се залагате во Вашата програма „Обнова за Македонија“? Со што ќе ја барате довербата на граѓаните?

 Концептот на нашата програма е базиран на потребата да ја обновиме Македонија на секое поле по девастирачкото владеење на СДСМ изминативе три и повеќе години. Ни беше погазено достоинството, ни беа уништени економијата, културата, образованието, беа нанесени неправди и беше злоупотребена правдата, и така натаму, и така натаму... Со еден збор - ни беше свиткана кичмата. Концептот на Обнова на Македонија го изградивме во директна комуникација со граѓаните низ целата држава, водевме разговори за обнова на Македонија и затоа сме убедени дека овој концепт е реално согледување на проблемите и преку ангажирање на врвни експерти нудиме решенија за тие проблеми. Обновата подразбира:

- раст на БДП од 4-5% годишно;

-  намалување на стапката на невработеност под 10% преку креирање на нови висококвалитетни и добро платени работни места;

- зголемување на платите за 25% во период од четири години преку системско подобрување на продуктивноста;

- домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години;

- модерна индустријализација и зголемување на извозната конкурентност;

- зголемување на бројот на домашни и странски туристи преку создавање на подобри услови за развој на туризмот;

- високи и стабилни субвенции за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор;

- крупни инвестиции во патната, енергетската и комуналната инфраструктура;

- реализација на голем број проекти за младите во сите сегменти на нивното живеење;

- натамошна заштита на животниот стандард на пензионерите преку нови зголемувања на пензиите;

- подобрување на стандардот на вработените преку пораст на платите во јавниот сектор и минималната плата во приватниот сектор согласно со растот на продуктивноста;

- подигање на квалитетот на здравствените услуги преку значајни инвестиции во здравствената инфраструктура и опрема, како и обука на здравствениот персонал;

- натамошни инвестиции во образованието како и поттикнување на иновациите, научноистражувачката работа и примената на новите технологии;

- заштита на животната средина и така натаму и така натаму...

Ги охрабрувам сите да ја прочитаат програмата за Обнова на Македонија, а потоа по 15-ти јули заедно да си ја обновиме земјата.

Кои ќе бидат капиталните инвестиции за Куманово, доколку победите на изборите?

 Се разбира дека сите мерки што ги кажав претходно се однесуваат и за граѓаните на Куманово, но исто така предвидуваме серија мерки кои ќе бидат директно на бенефит на граѓаните на Куманово, на цела Македонија секако, но особено за кумановци, како што е завршување на изградба на пругата Куманово - Бељаковце, изградба на 400/110 kv трансформаторска станица Куманово, изградба на конгенеративни постројки на гас за производство на топлинска и електрична енергија, обнова на објектите на националните установи од културата и уште многу многу други проекти директно поврзани со Куманово и со изборната единица број 2, ама најмногу од сè, ќе ги обновиме достоинството и сигурноста во подобро утре.

При Вашите посети на Куманово потенцирате дека кумановци се незадоволни од третманот на локалната власт. На што конкретно ви се жалат граѓаните, што најмногу им пречи?

 Проблемите на кои се жалат кумановци се многу, од проблеми со прочистителната станица, проблеми со дивата депонија Краста, немање доволен капацитет на градинките, лошите услови во училиштата, преку немање водовод и канализација во скоро сите рурални и приградски населени места, до незавршување на канализацијата во Режановце, Тромеѓе итн. итн., скоро секаде беше спомената нужноста од итно реновирање на старата водоводна мрежа во градското подрачје, потоа недостаток од места за паркирање, па до сериозни проблеми со диви клучки што го загрозуваат животот на граѓаните, итн. итн. ... Проблемите се безбројни, но она што е заедничко скоро за целиот град, секаде каде што бев, го кажаа тоа - невработеност, бесперспективност и иселување на младите. А згора на ова, граѓаните се чувствуваат напуштени и заглавени во битката меѓу локалната и централната власт тука во Куманово. Тоа го трпи обичниот граѓанин. Затоа јас како носител се обврзав дека ќе бидам тука постојано и ќе дадеме максимален напор за да има обнова во Куманово, затоа што тоа го заслужува градот кој е најголем во Македонија, а сепак се дави во урбан хаос. Се дави во неспособност и на централно, но и на локално ниво. Затоа сакаме да ги охрабриме сите граѓани во Куманово дека доаѓа обновата. Таа носи обновување на достоинството, културата, туризмот, науката, инфраструктурата и здравството.

Ја посетивте индустриската зона во Куманово и ја обвинивте актуелната власт дека недоволно вложила во нејзиниот развој. Доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на овие изборите, може ли да очекуваме странски инвестиции во зоната?

 Нема потреба јас да ги обвинувам, граѓаните сами можат да видат. Кажете која инвестиција ја донесоа, што направија за македонската економија освен што изрекетираа сè што можеше да се изрекетира. Ама како во случајот Рекет 2 со шведската фирма Дијаверум, за сè ќе си одговараат. Ја уништија, ја девастираа економијата во Македонија и не само оваа индустриска зона во Куманово, туку насекаде низ Македонија. Затоа велиме, на Македонија ѝ е нужна Обнова и граѓаните го знаат тоа. А дека ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе многу нови странски инвестиции може да бидете сигурни во тоа, впрочем и овие што работат денес, што сериозно придонесоа во намалувањето на невработеноста се донесени во времето на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а во новата програма исто така планираме силен инвестициски циклус.

Владејачката СДСМ Ве обвинува дека не реализиравте ниту една капитална инвестиција во Куманово, во времето додека бевте министер за транспорт и врски. Дали ќе ја поправите грешката, ако ги добиете изборите?

 Да, го слушнав тоа смешно обвинување и потценување на граѓаните од Куманово. Впрочем граѓаните на Куманово знаат дека тој што обвинува дека не сме направиле ништо, додека го зборува тоа се вози по реконструираниот автопат од Куманово до Скопје, чија реконструкција беше во периодот додека јас бев министер за транспорт и врски.

 Се надевате ли на голема поддршка од граѓаните на Куманово?

 Убеден сум во тоа, зошто не само што на граѓаните на Куманово им е преку глава од постојаното газење на нивното достоинство и нерешавање на нивните проблеми, не само што им е преку глава од локалната власт за која е поважна битката за моќ во СДСМ отколку решавањето на проблемите на граѓаните, не само што им е преку глава од премиер кумановец кој го доведе градот во опасност и го направи корона жариште заради несмасните одлуки што ги носеше за градот, туку пред сè затоа што граѓаните копнеат по обнова, копнеат по обнова на нивното достоинство, затоа што граѓаните на Куманово ги препознаа мерките и проектите што ги нудиме како реални проекти кои нудат решение, кои нудат зголемување на платите и пензиите, подобра социјална заштита, помало зафаќање во даноците, особено во персоналниот данок, отворање на работни места преку поддршка за економијата и земјоделството, преку привлекување на СДИ како што го направивме тоа во минатиот период кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата. Ќе победи Обновата затоа што е нужна и затоа што граѓаните го знаат и го чувствуваат тоа.

Колку пратенички места очекувате да освоите во Втората изборна единица, а колку во Парлементот?

 Очекувам убедлива победа на Обновата на Македонија и во втората изборна единица и насекаде низ Македонија со што ќе обезбедиме стабилно мнозинство во парламентот, а потоа сериозна работа за обнова на Македонија на секое поле.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ ги добие изборите дали ќе бидете дел од новата Влада? На кое министерско место се гледате?

 Во овој момент најбитно е да добиеме доверба од граѓаните за да ја обновиме Македонија. Земете погледнете ја нашата програма, има преку 1000 проекти, со кои ќе го обновиме достоинството, ќе ја обновиме економијата, ќе ја вратиме правдата, ќе го обновиме земјоделството, ќе ја обновиме Македонија. Она што е битно е дека сиве овие проекти ќе се реализираат во дадените рокови и тоа е она што ја гарантира обновата на Македонија. Небитно е кој ќе ги спроведе овие проекти, битно е дека истите ќе бидат спроведени, и со тоа на земјата да ѝ го вратиме и да ѝ го обновиме достоинството. Ние имаме кандидат за премиер, тоа е господинот Христијан Мицковски и тој ќе го формира тимот со кој ќе ја реализира програмата за Обнова на Македонија, ама како што кажав, за обновата на Македонија не е битно кој ќе ги спроведува проектите туку истите да бидат спроведени!

(Ф.Марковска)

Интервју со Владо Мисајловски: Се обврзувам дека ќе го дадам својот максимум за обнова на Куманово

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk