Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово денеска е одржа втората изложба на стари автомобили, која ја организираше Здружението „Олдатјмер витези“, по повод празникот 11 Октомври.
На изложбата, освен членови на здружението, присуствуваа и гости од речиси сите делови на Македонија, имаше шест возила од Србија и две од Хрватска.
„Имаме учесници од Тетово, Скопје, Велес , Штип, Кавадарци со неколку возила, стандардно не посетува и еден дечко од Кичево, кој најдолг пат поминува до тука. Од Куманово имаме 6 автомобили од само еден учесник. Имаме неколку кумановски фолсваген „буби“, популарната „пеглица“, има модели на американска корвета, англиски автомобили, опел кадети, ситроен „диана““, истакна Виктор Кузмановски, од здружението „Витези“.
Меѓу моделите внимание привлече жолт шведски „Сааб“ од Врање, а посебно место имаа старите модели на англискиот производител на класични модели Морган. Сопственикот Зоран Илиќ од Скопје, откри дека најдолгата дестинација која ја извозел до сега е Атина, Грција. Најчесто го вози за викенди, во прошетки низ државата, кога временските услови го дозволуваат тоа.
„Специфика е што прозорите комплетно се вадат, има жлеб и шрафови кои ги држат, и откако ќе се намонтираат тогаш се дига покривот. Но, најчесто се вози без покрив, како кабриолет“, објаснува Илиќ.
По изложбата гостите од Србија и Хрватска, како и сите заинтересирани излагачи ќе имаат можност да ја посетат мегалитската опсерваторија Кокино. За утре организаторите предвидуваат посета на „Питијадата“ во Велес, а во недела сите заедно ќе присуствуваат на олдтајмер изложба во Кочани.