Јован Додевски освои прво место на Меѓународен натпревар за фризери во Тирана
Младиот фризер и стилист Јован Додевски (16) од Куманово освои прво место на престижниот Меѓународен натпревар за фризери, кој викендов се одржа во Тирана, Албанија.
Машките фризери се натпреваруваа во три категории, а на натпреварот учествуваа претставници од Италија, Романија, Тунис, Словенија, Турција, Македонија, Албанија, Франција и Полска.
Во силна конкуренција, Додевски го освои првото место во категоријата „Freestyle“, а престижното признание му беше доделено со одлука на стручното жири.
„Многу сум среќен и оваа награда навистина многу ми значи. Ова е само почеток, имам многу планови што ќе ги реализирам во наредниот период. Иако сум доста млад, фризерството ми е во крвта и неизмерно ја сакам оваа професија“, вели Јован.

Тој истакнува дека покрај талентот, за успех во оваа професија се потребни љубов, посветеност, вера, упорност и силна желба постојано да се напредува. На секој клиент му пристапува со максимална сериозност и професионалност во DODE BERBERSTUDIO.
„Секој нов клиент за мене е нов предизвик, а секоја нова фризура е дополнителна мотивација да ја покажам мојата креативност. Тоа успеав да го докажам и на натпреварувањето во Тирана. Стручното жири, составено од врвни професионалци од повеќе земји, ја препозна мојата идеја, креативност и професионален пристап“, додава Јован.

Со овој успех, младиот кумановец достојно ги претстави Куманово и Македонија на меѓународната сцена, покажувајќи дека талентот, трудот и посветеноста носат резултати и отвораат врати кон нови професионални предизвици.
За Јован ова признание претставува силен поттик за понатамошно усовршување и нови натпреварувачки предизвици, со јасна цел, да продолжи да го гради своето име меѓу најдобрите млади фризери во регионот и пошироко.
