Мени

Казината и обложувалниците најмалку 500 метри од училиштата, усвоен новиот Закон за игрите на среќа

29.06.2026 19:34 | KumanovoNews

Собранието денеска го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој се воспоставува современа, појасна и поефикасна законска рамка за регулирање на оваа област.

Казината и обложувалниците најмалку 500 метри од училиштата, усвоен новиот Закон за игрите на среќа

Законот предвидува дека правото на приредување на лотариските игри на среќа, освен томболата од затворен тип, како и на електронските и интернет-игрите на среќа, е право на државата, која ќе ги приредува преку трговско друштво во државна сопственост.

Дополнително, се воведуваат критериуми за соодветност и интегритет за членовите на органите на управување, содружниците и соработниците на друштвата што поседуваат лиценци за приредување игри на среќа. Од Министерството велат дека овие решенија се усогласени со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам и претставаат значаен чекор кон зајакнување на довербата во системот.

Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање што создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех или решение за лични и социјални проблеми, како и рекламирање што директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив.

Дополнително, се забранува користење називи што не одговараат на видот на играта за која е издадена лиценцата, со што се обезбедуваат поголема транспарентност и заштита на јавниот интерес.

Во насока на поефикасна контрола, законот предвидува задолжително поставување GPS-систем за позиционирање на секој автомат за игри на среќа, VLT и терминал за електронски игри, поврзан со Управата за јавни приходи. Со тоа ќе се обезбедат точни информации за локацијата на секој автомат и ќе се спречи нивно поставување кај нелиценцирани приредувачи, што значително ќе ја подобри ефикасноста на инспекцискиот надзор.

Во делот на инспекцискиот надзор и прекршоците се прошируваат основите за одземање лиценци и дозволи, а се зголемува и висината на глобите за сторените прекршоци, со што ќе се овозможи поефикасно санкционирање на незаконското работење.

Со усвојувањето на новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри се воспоставува современ систем што обезбедува повисоко ниво на правна сигурност, поголема транспарентност, поефикасен надзор и подобра заштита на јавниот интерес. Очекуваните ефекти се намалување на нелегалното приредување игри на среќа, поефикасно спречување на финансиските злоупотреби, подобра заштита на малолетниците и усогласување на националното законодавство со европските и меѓународните стандарди.