Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
С.М.(24) од Пакистан и Г.Н (41) од с.Лојане киднапирале двајца мигранти за кои барале откуп, а второпријавениот истовремено криумчарел мигранти и поседувал дрога.
Имено, Пакистанецот со четири непознати лица минатиот месец во с.Лојане ги грабнале Ј.А. (25) и С.У.(22) од Пакистан и ги однеле во куќата на Г.Н., каде физички и психички ги малтретирале, и барале да платат откуп од 4.000 евра, за да ги пуштат да заминат во Р.Србија. Ги принудиле да им се јават на своите роднини во Пакистан и кај пријател Н.С. во Р. Бугарија за да им пратат пари за ослободување. Случајот во полиција го пријавил пријателот во Р.Бугарија.
Исто така, Г.Н. во договор со С.М. изминатите неколку месеци за пари прифаќал и засолнувал во својот дом во с.Лојане мигранти од Арапските земји.Во последниот случај кај него се пронајдени 20 мигранти и едно дете, на кои што им ја ограничил слободата на движење и секојдневно им наплатувал по 5 евра. Тој за 30 дена заработил 3.000 евра.
Во Кумановската полиција завчера било е пријавено грабнување, по што полициските службеници од СВР Куманово во содејство со Централни полициски служби, Единицата за брзо распоредување, Интерпол на Р.Македонија и Одделот за организиран криминал на Р.Бугарија, организирале акција за откривање и пронаоѓање на сторителите.
Вчера во раните утрински часови врз основа на судска наредба извршен е претрес во куќата на Г.Н. во с.Лојане, каде што се пронајдени вкупно 21 мигрант од кои 19 лица се од Авганистан (меѓу кои и едно десетгодишно дете) и 2 лица се од Пакистан, како и 543,7 грама наркоточна дрога „марихуана“, 30 грама семенски материјал од растението „канабис сатива“, 3.040 евра, една испратница за пари од Вестерн унион на име второпријавениот во износ од 2.100 евра, две радио врски со полнач, осум мобилни телефони, 5 (пет) СИМ картички, една ловечка пушка марка и еден ловечки елек со 32 ловечки патрони.
Истражен судија на пријавените им одредел притвор во траење по 30 дена.