×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Коментар: Што се (за)меси во „ Житомел„

    20.07.2010 14:58 | KumanovoNews

     Испаѓа дека никого во државава мува не го лази што еден град од 100 и кусур илјади жители останува со денови без доволно леб. Море-е-е.е!.  За дрво си плачеме. Сите, со политичарите на чело. 

    Коментар: Што се (за)меси во „ Житомел„

     Свое гајле бериме - скопски леб јадеме! Со оваа, малку извртена изрека, една бабичка ја коментира ситуацијата со лебот на „Житомел„ што последниве десеттина дена го снема од тезгите по големите маркети и маалските продавнички. Доволна е мала, случајна хаварија во технологијата или, дал Господ, штрајк на пекарите заради непочитување на нивните права, за веднаш да се види колку лебот на „Житомел„ е значајна ставка во вкупните, дневни потреби од оваа основна животна намирница за еден град како што е Куманово. Веќе петти, или шести ден леб во градов може да се купи само во првите неколку часа, и тоа главно скопски, од „Житолукс„ или од оној, печен (а бога ми и недопечен) во приватните пекарници на дрва, на пареа, на плин и ѓавол ќе го знае на што уште не! Земај и не прашувај оти и таков ќе го нема - одговараат нервозните продавачки на мрморењата на „пробирливите„ потрошувачи.

    Има многу откачени шеги за релациите меѓу продавачките на леб и нивните муштерии („дома, кај жените ви сакате тврд, а кај мене - мек„!), но ова што деновиве се случува со лебот на „Житомел„, не е за шега. Навистина! Зарем Куманово да нема доволно леб? Та, на времето „Житомел„, покрај за Куманово печеше леб и за половина Скопје и цела Крива паланка и Кратово. Ама тогаш со фирмата не управуваа стечајни управници и судии, а уште помалку апаши и арамии. Сега со „Житомел„ дрмаат арамии од Идризово! Така велат работниците кои штрајкуваат. Одбиваат да месат и да печат леб затоа што не им е исплатена плата за четири месеци. И тоа мизерна, од стотина евра, па уште на црно. „Ако тие аранолепци не сакаат да работат, има други што сакаат!„ - наводно порачал „Босот„ од Идризово. И дошол некаков нов газда. Од Струмица, наводно. Некој анонимус, велат работниците оти никој не го видел. Им се претставил како нов работоводител извесен Нешо, баеги од Куманово бил и тој ќе ја средел работата. Прво што средил - им дал откази на дваесеттина возачи, наводно краделе леб додека го развезувале по продавниците. Господе мил, има ли те !? - во очај прашуваат работниците и тврдат дека струмичкиот бизнисмен на местото на отпуштените житомелци доведувал свои луѓе. „Гледаме некакви типови, небричени, валкани, со пластични влечки. Ќе развезувале леб наместо нас„ - велат огорчените штрајкувачите. Кажуваат, пцујат и колнат до небо ама бегаат од камери и микрофони. Доста им е и од медиумите - велат. Демек, и медиумите не ја кажуваат целата вистина. Ај, мајката! - си велам. А кој на медиумите да им ја каже вистината од „другата страна„ : од газдите, политичарите, власта (и локална и централна). Бевме, прашувавме во Полицијата, во Судот, во инспекциите. Сите на прашањата на новинарите за случајот „Житомел„ одговараат во стилот „не сум оттука„, се  прават на удрени и бегаат како ѓаволот од мирисот на темјан. Испаѓа дека никого во државава мува не го лази што еден град од 100 и кусур илјади жители останува со денови без доволно леб.Море-е-е.е!. За дрво си плачеме. Сите, со политичарите на чело.  

                                                     Столе Божиновски