Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дупки како кратери се направени на улицата „Веселин Вујовски“, во населбата „Тоде Мендол“, поради што е отежнато движењето со возила и пешки.
Се работи за крак во должина од околу 300 метри, кој е многу фреквентен бидејќи се користи за полесно поврзување со Поток Серава и други делови од градот.
Жителите сметаат дека е нелогично на само 1,5 километри од центарот да немаат елементарна инфраструктура, поради што не смеат ниту децата да ги пуштаат да играат надвор.
„Срамота е, на вакво време ги возиме децата на училиште. Самите не можат да поминат. Толку сме блиску до центарот, а како да сме во некое село. Горе од бараките, но и од Романовски пат се поминува тука за да се стаса до Поток Серава и Зелениот пазар. Во предизбоието во 2017 година ни ветија дека ќе го направат, ни 8 години подоцна никој веќе не дојде да не праша како живееме“, вели нашиот соговорник О.А.
Жителите велат дека тие се согласни да се постави бекатон на улицата, или било какво друго решение кое ќе им создаде подобри услови за живот. Се обиделе да стапат во контакт со градоначалникот, но безуспешно.
Неофицијално им било кажано дека постапката за асфалтирањето на улицата е во процедура, и дека се подготвува документацијата по која ќе се работи.
Во Програмата за комунални работи на Општина Куманово стои дека треба да се изработи техничка документација во должина од 294 метри и геодетски елаборат во должина од 294 метри. Истата улица е запишана и во графата експропријација.
За жителите на „Веселин Вујовски“ проблем е што на улицата има пукната цевка, која дополнително ја поткопува земјата и прави дупки на патот. Велат дека дефект е пријавен на надлежните.
„Нема пријава за дефект на водоводна цевка ниту во службите, ниту на портирница. Екипи на терен направија увид на состојбата и констатирано е минимално протекување, со едвај воочлив проток на вода. Дефектот ќе биде отстранет најдоцна до утре“, известуваат од ЈП „Водовод“ Куманово.