Мени

Крива Паланка по третпат ја организира „Сусурига“ за Прочка

18.02.2026 11:36 | KumanovoNews

Во пресрет на празникот Прочка, на 21 февруари во Крива Паланка ќе се одржи третото издание на манифестацијата „Сусурига 2026“, со која се негува и промовира автентичниот локален обичај на маскирање и палење оган.

 

Крива Паланка по третпат ја организира „Сусурига“ за Прочка

Настанот има за цел да ја оживее вековната традиција поврзана со празникот на прошката, симболиката на обновувањето и заедништвото, како и да придонесе кон зачувување на нематеријалното културно наследство.

Програмата започнува во 12 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, по што во 12:30 часот на Градскиот плоштад ќе следува централниот настан. Пред публиката ќе продефилираат маскирани и обредни групи од земјата и регионот: „Странчинарски игри“ од Мокриево (Ново Село), „Ратевски Бамурци“ од Ратево (Берово), „Суроварска група“ од Вискјар (Перник, Бугарија), „Џоломари“ од Манастирец (Росоман), како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.

Организатори на манифестацијата се Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“.

Со „Сусурига“ градот ја продолжува традицијата на одбележување на Прочка, обединувајќи ги граѓаните околу обичаите што со векови се пренесуваат од генерација на генерација.