Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не очекува долго и топло лето. Оние кои добро заработуваат ќе летуваат на егзотични места, но голем дел од граѓаните поради недостиг на финансиски средства ќе останат дома.
Две години не сум била никаде, па планирам летово да го посетам Охрид. Добри се и условите и цените според мене. На море досега не сум била, а стандардно секое лето одам на базен или на капење во река Пчиња - вели Наташа Зафировска.
Многу од граѓаните се разочарани од нискиот стандард и не размислуваат за одмор.
Сум била десет пати на Јадранско море и два пати на Егејско море. Сум се шетала во Софија, а во Ќустендил колку пати сум била нема број. Сега сум жена во години и оставам младите да шетаат - се потсетува Невенка Трајковска.
Од туристичките агенции велат дека секоја година желбите на клиентите се различни, но за ова лето најпосакувани дестинации се грчките острови и Турција. Граѓаните резервираат аранжмани за Лефкада и Анталија. Тие обично на одмор заминуваат во шпицот на сезоната од 15 јули до 15 август. Понудите на агенциите за предсезона се поефтини. Во јуни и септември одмор во Грција преку туристичките агенции чини од 100 до 200 евра зависно од сместувањето, превозот, храната.
Има нијанси дали е во втора половина на јули или почеток на август аранжманот. Се може да се договори зависно до потребите на клиентите. Најатрактивни годинава се Турција и Грција, а послаб е интересот за Црна Гора. На прво место е Лефкада, потоа би ги спомнала Крф и Халкидики. Зависно од желбите на клиентот договараме и аранжмани во нашите туристички центри - велат од туристичка агенција “Талија Травел“.
Почнувајќи од први јули па се до крајот на август туристичката агенција “Јоцо Турс“ организира превоз до Охрид, Струга и Дојран. До Охрид имаат тури секој ден, а според искуството од претходните години за Дојран патуваат три пати во неделата, што е сосема доволно за потребите на Кумановци. За турите во странство велат дека најмногу барања летово ќе има за јужниот сосед и за Турција. Динамиката на работата зависи од оформувањето на туристичките групи и од нив зависат патувањата надвор од земјава.