Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановци на мини саемот на издавачката куќа „Матица Македонска“, во организација на Градската библиотека „Тане Георгиевски“ најмногу купувале трилери и љубовни романи.
Најголем интерес читателите покажале за долгоочекуваниот роман од Лусинда Рајли, шестата книга од серијалот Седумте сестри, „Сестра на Сонцето". Трилерот „Хирургот" од Тес Геритсен, неодоливо возбудливо патување за сите љубители на морничавост и напнатоста, „Крадачка на книги" од Маркус Зусак-брилијантно, несекојдневно, лирско и моќно дело-литературен дијамант. „Белата хризантема" од Мери Лин Бракт-приказна со историски детали.
Пред библиотеката може да се забележи како кумановците уредно почитувајќи ги протоколите за заштита од вирусот чекаат на ред и се информираат за литературата која ги интересира.
Христина Алексовска, директорката на библиотеката вели дека интерес има и за македонските автори, како и за останатите литературни жанрови.
„На саемот се издвоени околу 50-тина најнови изданија,опфатени се сите жанрови, за сечиј вкус: љубовни, историски романи, трилери, класици, филозофски како и стручна литература. Но, предност ставаме на македонските автори Божин Павловски, Витомир Митевски, Раде Силјан, Блаже Миновски, Весна Мојсова-Чепишевска, Оливера Николова“, додава таа.
Мини саемот на издавачката куќа „Матица Македонска“ ќе биде поставен пред установата до 29 август, а како што соопштуваат оттаму во текот на наредната недела ќе се организира мини саем и со издавачката куќа „Антолог“.
Од почетокот на пандемијата, библиотеката заедно со другите културни институции беше затворена, па кумановците честопати на социјалните мрежи го покренуваа прашањето за нејзиното повторно отворање. Од отпочнувањето на работата на оваа институција, вели Алексовска, веднаш имале посетеност и на одделот за возрасни и на одделот за детска литература. Овие податоци го рушат митот дека кумановци не читаат или пак дека не се љубители на книгата.
(Ф.Марковска)