Кумановци незнаат каков воздух дишат
Куманово е еден од градовите каде што не се мери загаденоста на воздухот, затоа што мерната станица е расипана.
Поради тоа кумановци не знаат каков воздух дишат иако деновиве неколкупати е зголемено присуството на ПМ честичките во повеќе градови во државата. Министерот за животна средина, Нурхан Изаири при денешната посета на Куманово, вети дека наскоро ќе се набават делови да се поправат мерните инструменти.
Запознаен сум дека мерната станица не работи но за брзо време ќе започне да функционира, откако ќе помине јавниот повик за елементи кои недостасуваат.Некои мерни станици низ целата држава се стари, а ние размислуваме следната година освен да ги поправиме, да ги обновиме со нови мерни инструменти. Ќе имаме и пософистицирани мерни апарати и ќе ја прошириме мрежата низ цела Македонија - кажа министерот.
За градоначалникот Зоран Дамјановски, Куманово не е загаден град, затоа што немало индустрија иако најновите истражувања покажуваат дека најголеми загадувачи на воздухот се старите автомобили и грењето на дрва.
Можеби тоа е несреќа бидеќи од најголем индустриски град станавме најголем загубар со најмала загаденост на воздухот. Одговорно тврдам тука кога ќе дојдат скопјаните велат тука се дише поубав воздух и самиот амбиент дава можност и без мерните инструменти, дека живееме во подобра животна средина - нагласи Дамјановски.
Во Куманово мерната станица не работи со години. Лекарите велат дека загадениот воздух може да предизвика здравствени проблеми.
Може да предизвика повеќе проблеми. Посебно за старите луѓе, хронично болните, луѓето со белодробни заболувања, може да доведе до појава на разни видови инфекции. Јас имам ординација во населбата Перо Чичо, а за викенди одам во село Четирце и забележувам дека кога сум во град кашлам, а во село не кашлам и претпоставувам дека е тоа поради воздухот. Овдека има многу издувни гасови, а таму воздухот е чист - вели општ лекар.
Скопје и Тетово важат за најзагадени градови во Македонија, според податоците кои ги прикажуваат мерните станици.