Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Теа Стоилковска, ученичка во осмо одделение во ОУ “Браќа Миладиновци“ ќе ја претставува државата на Балканска математичка олимпијада во Турција, откако викендов освои златен медал на државната математичка олимпијада на ПМФ во Скопје.
Стоилковска влезе во шестчлената екипа со најдобри македонски математичари, кои ќе го покажат своето знаење во Турција.
Освоив златен медал во конкуренција на 40 најдобри математичари од земјава. Имав чест да влезам во македонската репрезентација. Ова за мене претставува голем успех и предизвик. Очекувам успехот да го потврдам на Балканска олимпијада и да се вратам со медал. На Балканијадата ќе учествуваат 126 натпреварувачи од дваесетина држави - изјави Стоилковска.
Нејзината професорка по математика, Дафина Јосимовска вели дека последниве две години учениците од “Браќа Миладиновци“ покажуваат добри резултати по математика.
На натпреварот имаше четири задачи кои им беа поделени на учениците, и имаа четири часа да ги решат. Кога ги соопштија резултатите бевме први. Тоа многу не радува. Теа ќе ја претставува Македонија, нашата општина и пред се нашето училиште во Турција - вели Јосимовска.
Таа објаснува дека лани нивен ученик на математичка олимпијада има освоено сребрен медал. Имаат многу први и втори места на државни и регионални натпревари, и редовно учествуваат на сите математички натпревари кои се организираат во Македонија.