Мени

Куманово ќе зема кредит од 1,6 милиони евра, откако за бесплатен превоз потроши 4 милиони евра

03.07.2026 12:46 | Сузана Николиќ

Општина Куманово доби согласност од Советот да отпочне постапка за задолжување кај комерцијални банки во износ од 100 милиони денари за купување камиони за ЈП „Чистота и зеленило“ и поставување фотоволтаични системи за ЈП „Водовод“.

 

Куманово ќе зема кредит од 1,6 милиони евра, откако за бесплатен превоз потроши 4 милиони евра

„Чистота“ доби нови камиони за собирање на смет во 2021 година од Центарот за развој на Североисточен плански регион како дел од проектот за изградба на регионална депонија. (Фото. архива)

Мнозинството советници ја поддржаа предлог-одлуката, која беше усвоена со 16 гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“.

„Секторот за финансиски прашања изработи предлог-одлука за долгорочно задолжување со кредит од домашна комерцијална банка во висина од 100 милиони денари, за што имаме генерално одобрување од Министерството за финансии. Средствата ќе бидат наменети за реализација на проектот „Еко-ефикасни јавни претпријатија“, кој предвидува капитални инвестиции, како што се набавка на нови возила и опрема за собирање и депонирање отпад за потребите на ЈП „Чистота и зеленило“, како и инсталирање фотоволтаични системи на Филтер-станицата и на резервоарите за вода на ЈП „Водовод“. Од која од домашните комерцијални банки ќе биде земен кредитот ќе зависи од доставените понуди, од најповолните услови, со комплетен амортизациски план“, образложи овластената раководителка во Секторот за финансиско работење, Фросина Милковска.

Барањето за задолжување на Општината се совпадна со укинувањето на бесплатниот јавен превоз, кој траеше три и пол години и ја чинеше Општината околу 4 милиони евра, што предизвика револт кај советниците од опозицијата, кои сметаат дека мерката беше популистичка и во изборни цели,  за сметка на многу нерешени инфраструктурни проблеми.

„Имаме точка на дневен ред за задолжување на Општина Куманово од 1,63 милиони евра токму на денот кога се укинува бесплатниот превоз, кој на годишно ниво чинеше 1,5 милион евра. Општината, која се фалеше дека е раздолжена и дека единствена на Балканот има бесплатен јавен превоз, денес, на првиот ден од неговото укинување, сака да се задолжи. Бесплатниот превоз е најголемата катастрофа што му се случи на градот, и во однос на инфраструктурата, и во однос на хигиената, и во однос на развојот на градот. Недомаќинското работење на градоначалникот нè доведе до оваа ситуација, а тој денес не е тука да даде објаснување зошто се најдовме во ваква состојба“, кажа советничката на СДСМ, Марина Манојловска.

Дел од советниците побараа градоначалникот да дојде на седницата  и да одговори каде се 5 милиони евра од продажбата на земјиштето на ЛИДЛ во Индустриската зона во Речица, за кои тврдеше дека ќе бидат потрошени за крупни инфраструктурни проекти. Во моментот општинската каса има само 22 милиони денари или околу 350.000 евра.

Опозицијата посебно беше револтирана поради тоа што не добила никаква анализа, пресметка или образложение за оправданоста на кредитот, а немало ниту јавна расправа, како што предвидува законот. Поради тоа побара точката да биде повлечена, доработена и разгледувана на некоја од наредните седници.

„Кога ќе ја носиме оваа одлука треба да ги имаме сите факти за да бидеме начисто. Дајте ни да видиме што анализирале и што заклучиле во секторот за да донесеме правилна одлука. Немам проблем да го поддржам задолжувањето доколку е навистина неопходно и соодветно образложено. Вакво шверцерско подметнување на едно ливче за да ги задолжиме граѓаните и нивните деца не е коректно. Нема градоначалникот од својот џеб да ги враќа парите, туку сите граѓани“, кажа советникот Иван Петковски од независната група „Ред за Куманово“.

Советниците се побунија и поради тоа што во предлог-одлуката однапред е наведено дека финансирањето ќе биде преку кредит, па побараа да се разгледа можноста камионите да се набават преку лизинг, како што е пракса во многу државни институции и јавни претпријатија.

Откако се разви жестока дискусија, седницата беше прекината, а по направените консултации образложение даде советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Михајловски, кој по професија е адвокат.

„За да ги надминеме недоразбирањата, сакам да укажам дека членот 20 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, на кој се повикаа дел од советниците, се однесува на одлучување за конечно задолжување. Ова е иницијална одлука и фазата за јавна расправа сè уште не е дојдена. Согласно членот 16 од Законот за јавен долг, постојат задолжителни услови под кои се започнува постапката, а тоа е одлука со износ и цел на задолжувањето. Во конкретниот случај, тоа е оваа предлог-одлука. Таа е неопходен предуслов за отпочнување на постапката за конечно задолжување. Затоа предлагам позитивно да се изјасниме по неа“, кажа Михајловски.

И покрај ова образложение, советниците од опозицијата останаа на ставот дека одлуката е незаконска и најавија дека, доколку градоначалникот ја потпише, ќе поднесат иницијатива до Управниот суд за нејзино оспорување.

Ова не е прво задолжување на Општина Куманово за помош на јавните претпријатија. Во моментов Општината отплаќа кредит од 1 милион евра, земен во 2021 година од Светската банка за обнова и развој, за набавка на пајак-возило за ЈП „Куманово-паркинг“, како и камиони, багери и механизација за чистење на снег, на ЈП „Водовод“, „Куманово-гас“ и „Чистота и зеленило“. Сите овие јавни претпријатија работат со загуби. „Водовод“ има долг од околу 900 милиони денари, а „Чистота и зеленило“ околу 600 милиони денари.

На истата седница беше донесена одлука и за зголемување на цената на услугата за изнесување смет на ЈП „Чистота и зеленило“ за 30 проценти, за да му се помогне на претпријатието да излезо до долгорочната криза. Ова претпријатие доби камиони за смет и контејнери пред 4 години преку европскиот проект за изградба на регионална санитарна депонија во Североисточниот регион.