Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во текот на изминатата недела во Куманово се забележани 203 нови случаи на грип. Има намалување за 15%, што значи дека активноста на вирусот се намалува, но лекарите предупредуваат на внимателност.
„Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 49%. Најголем број од случаите (65,5 посто) се заразени со Инфлуенца А, по што следуваат 34,5 проценти заразени со Инфлуенца Б“, истакнуваат од Институт за јавно здравје.
Вирусот ги напаѓа сите возрасни групи од 15 до 64 години, но најбргу се шири кај децата до 4 години старост. Надзорот за сериозни акутни респираторни инфекции (САРИ) покажува дека 48,5 од случаите се на деца од 0 до 4 години.
Искуствата на граѓаните покажуваат дека се работи за тешко заболување, кое доаѓа ненадејно, а се манифестира со висока температура, треска, зголемено потење и малаксаност.
„Вечерта не приметив ништо, утрината за на работа не можев да се подигнам од кревет. Такви болки во мускулите и коските, треска и зноење не сум почувствувала за моите 53 години живот. Имав и стомачни тегоби, висока температура, дури запаѓав во бесознание. Дури по неколку дена започна кашлицата, а од интензитетот на кашлање уште ми се забележува во гласот. Нагласувам дека не сум пушач“, објаснува Снежана Н. од Куманово.
Лекарите препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура, често миење рацете со вода и сапун или дезинфекционо средство, да се престојува во загреани простории и често да се проветрува, препорачливо е топло, слоевито облекување, топли бањи, пиење на топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови и вода со лимон, да се користат свежи продукти богати со витамини и минерали, Практикување на здрав начин на живот и навики, вклучително добар сон и одмор, здрава храна, одржување на физичка и психичка активност и намалување на стресот може да го зајакнат имунолошкиот систем.
Здравствените работници гласно предупредуваат да не се користат лекови по препорака на роднини, пријатели и блиски, туку за секоја посериозна манифестација да се посети ординацијата на матичниот лекар.
Поголема активност на грипот во однос на Куманово имаат само Скопје и Битола.