×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановската гимназија ја краси мурал на Гоце Делчев висок 17 метри

    05.05.2023 07:24 | Сузана Николиќ

     Еден од ѕидовите на кумановската гимназија од неодамна е украсен со мурал на Гоце Делчев, што го изработија уметници од здружението „Форма“ од Куманово.

    Кумановската гимназија ја краси мурал на Гоце Делчев висок 17 метри

    Изработката на муралот на училиштето кое го носи името на македонскиот револуционер била договорена уште минатата година на предлог на младите уметници, но се чекаше да заврши неговата реконструкција за да се почне со работа.

    Автори на делото се Младен Трендевски, Дејвид Стоилковски, Дарко Трајковски и Горан Стојанов, кои велат дека Делчев им бил посебен предизвик и инспирација.

    „Муралот има димензии 17 метри височина и шест метри широчина, со што е најголем во градот. Ние работиме четири години и имаме изработено многу помали мурали, но сакавме овој процес да го заокружиме со една исклучителна личност. Овој мурал е круна на нашата досегашна работа“, велат младите уметници.

    Тие објаснуваат дека самото сликање на ѕидот траело два дена интензивна работа, но подготовките траеја многу подолго.

    „Во изработката најтешко ни беше да ја пренесеме скицата на толку голем ѕид, другото беше како сложувалка и одеше полесно. Боите со кои работевме се акрилни, фасадни, отпорни на секакви природни и временски влијанија, како и оштетувања што би биле предизвикани од несовесни граѓани“, додаваат уметниците.

    Mуралот е иѕработен со финансиска поддршка на Општина Куманово.

    Уметниците од здружението „Форма“ се автори на повеќе мурали во градот и државата. Меѓу нив се и муралот на Блаже Конески во Скопје и на голманот Столе Димитриевски во Куманово.

    Гимназијата „Гоце Делчев“ е најстарото средно училиште во градот и денеска прослави 78 години постоење и 120 години од смртта на патронот.