Кумановските музичари пееја за сограѓаните
Со повеќе естрадни уметници кумановци вчера на Градскиот плоштад го славеа доаѓањето на Новата година.

На плоштадот пееја Тамбурашки оркестар „Наши тамбураши“, групата „Челик бенд“, „Бисери“, Нино Величковски, Маргица Антевска, Тања Јовановска и Боби Амадеус, Мартинијан Кириловски и HQ bend и други бендови. Пејачот Нино Величковски на граѓаните им посака среќна Нова 2016 година, со желба за мир во светот и успех на секое поле.
На моите сограѓани и на сите луѓе во светот би сакал да им посакам здравје, здравјето е пред сè, потоа љубовта, таа го движи светот, мир да го направиме светот поубаво место за живеење, да бидеме повесели, да нè следи љубов и само нови песни. Еден апел до моите сограѓани, да си го сакаме, да го чуваме прво својот град, да се стремиме од локално кон глобално. Нашата Република Македонија да биде мирно и убаво место за живеење - изјави Величковски.
Цоки Ристовски, раководителот на одделението за култура и спорт вели дека овој начин на прослава на Нова година на 30 декември, со активности целиот ден наиде на позитивен прием кај граѓаните.
Граѓаните кои сами ми пристапија кажаа дека ова е добра идеја и дека е убаво, ќе имаме една таква продолжена програма. Имаше интерес, дојдоа граѓаните да ја проследат оваа новогодишна програма, односно новогодишен хепенинг. Во првиот дел со пречек за Дедо Мраз дојдоа голем број дечиња. По 17 часот имаше забавна музика - рече Ристовски.
На плоштадот во текот на вчерашниот ден имаше народна, забавна музика, рок групи и културно-уметничка програма за деца.
Посетителите коментираа дека посетеноста е слаба, па не се исполнија очекувањата на организаторите дека дневната забава ќе привлече повеќе публика.