Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со мала пригодна свеченост кумановските либерал-демократи синоќа во присуство на седуммината кандидати за пратеници на чело со носителот на изборната листа Ристо Пенов го отворија централниот изборен штаб на Втората изборна единица во Куманово.
На отворањето присуствуваа и сите седуммина утврдени кандидати за пратеници на оваа партија од Куманово: Зоран Павловски, втор на листата, Деса Јакимовска осма, Момчило Трајковски единаесетти, Бобан Бојковски петнаесетти, Александар Краљевски шеснаесетти, Лена Филиповиќ осумнаесетта и Драган Јаневиќ дваесетти на листата. Штабот се наоѓа на булеварот ,,Октомвриска револуција„.
Обраќајки им се на присутните носителот на изборната листа Ристо Пенов рече:
Одиме на овие избори со листа на чесни и вредни кадри, почитувани во своите работни и животни средини, ценети граѓани и професионалци. Одиме со изборна програма во која граѓанинот е во центарот. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ која парите на народот ги троши за споменици, или СДСМ планира гаснење на социјалните пожари, Либерално-демократската партија ќе се залага за типично либерален концепт - парите на народот да останат во џебот на граѓаните кои најдобро знајат како и за што да ги инвестираат. Се залагаме секој граѓанин да стане акционер со распределба на преостанатиот државен капитал и сам да располага со своите акции - рече Ристо Пенов во образлагањето на дел од изборната програма насловена како ИМА ИЗЛЕЗ.