Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Седум лица со попреченост од “Порака наша“ и од државниот Дневен центар за лица со пречки во развојот, ќе го продаваат списанието “Лице в лице„.
Во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ денеска беше промовирано ова списание, кое постои од 2012 година и третира општествено одговорни теми, а Куманово е шести по ред град каде улични продавачи ќе го дистрибуираат до читателите. Од редакцијата на “Лице в лице“ кое излегува еднаш на 2 месеци порачаа граѓаните да го купуваат списанието за да се едуцираат, но и да им помогнат на лицата со попреченост.
“Преку “Лице в лице“ се обидуваме да им дадеме глас на лицата кои се на маргините на ова општество. На еден поактивен, поинтензивен начин, со тоа што им се дава работен ангажман. Едноставно на тој начин го подобруваат своето секојдневие. Имаат почеста комуникација со јавноста, а јавноста едноставно се поттикнува да ги разбере. “Лице в лице“ пред се едуцира, меѓутоа и руши некои стереотипи, предрасуди. Продавачите на “Лице в лице“ ќе бидат носители на промени, генерално, но најпрвин локално“- изјави Анета Ристовска, еден од уредниците на “Лице в лице“.
Од “Порака наша“ велат дека лицата со попреченост исто како и сите други луѓе имаат право да работат и да заработуваат.
“Во проектот за почеток се опфатени 7 лица. Опфатени се и двата Дневни центри за лица со интелектуална попреченост. Се надеваме дека во иднина бројката ќе биде зголемена. Сите сме многу возбудени и ние како нивни едукатори. Желбата да продаваат кај нив е огромна“ - рече Светлана Милевска Димитриевска, социјален работник во “Порака наша“.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски го поздрави вклучувањето на “Порака наша“ во колпортирање на списанието.
“Купувајќи ваков часопис помагаме да 50 проценти од средствата одат во насока на овие организации, пред се конкретно во “Порака наша“, со што учеството оди во печатењето, а дел останува за функционирањето на овој Дневен центар. Знаете дека 90 проценти од средствата се од буџетот на општината“ - кажа Дамјановски.
Во Македонија педесетина луѓе во повеќе градови се ангажирани за продавање на списанието “Лице в лице“.