Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Царински инспектори од Одделението за истраги вчера на граничниот премин Табановце автопат, го лишија од слобода македонскиот државјанин М.Ф., против кого во месец февруари годинава беше поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Во моментот на откривање на кривичното дело, осомничениот не беше достапен на органите на прогонот, а судија на претходна постапка во отсуство му одреди мерка притвор во траење од 30 дена од денот на неговото пронаоѓање.
На 15 февруари годинава при претрес на автомобил со македонски регистарски ознаки, управувано од лицето Ж.К македонски државјанин, во патна торба на Табановце е пронајден пар долни тренерки, во чии ногавици помеѓу поставата се откриени два црни чорапи, наполнети со непозната густа материја со бела боја позната како амфетамин со тежина од 191 грам.
Од спроведената предистражна постапка, царинските инспектори од Одделението за истраги најдоа докази кои укажуваа на фактот дека во извршувањето на кривичното дело е замешано уште едно осомничено лице М.Ф, исто така македонски државјанин, кој долги години живее и работи во Германија, а кој во моментот на откривање на кривичното дело не бил на територија на Република Македонија.
Вчера, осомничениот М.Ф. пристигнал на граничниот премин Табановце и се пријавил за влез во државата, при што, согласно законските овластувања по преземените мерки и активности, царинските инспектори од Одделението за истраги го приведоа осомниченото лице и го изведоа пред судијата на претходна постапка при Основниот Суд Куманово, кој му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.