Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Слаб е одзивот на ромските деца на уписот за првачиња.
На прсти можат да се избројат ромските деца кои се запишале во прво одделение во основните училишта “Браќа Миладиновци“ и “Крсте Мисирков“.
Состојбата е подобра во ОУ“11 Октомври“ каде се запишани 14 правчиња од ромска националност. Според списокот за реонизација само во Средорек има шеесетина деца кои треба да тргнат на училиште, плус 12 деца кои живеат на други улици низ центарот на градот.
Се трудиме во соработка со невладините организации да ги едуцираме за важноста на образованието. Одзивот за запишување првачиња годинава е многу мал. Ќе им пратиме покани на родителите. Доколку се некаде на работа, можно е повеќето во септември да дојдат и да се запишат - велат од психолошко - педагошките служби во училиштата.
Жители на Средорек објаснуваат дека многу семејства заминале во странство да бараат азил или се на сезонска работа низ Македонија, и затоа не стигнале децата да ги запишат на училиште.
Празно е, луѓето ги нема. Отидоа некои во Германија како азиланти, некои сезонски берат вишни. Други не ги запишуваат децата во училиште затоа што немаат да им купат облека, обувки. Не може детето босо да оди на часови. Досега не сум чул некој родител да го казнат затоа што детето не му оди на училиште. Кога би имале пари, ние со задоволство би ги пуштиле децата - изјави Сизијан Шабани, жител на Средорек.
Тој додава дека голем број од младите во оваа населба се неписмени, и тоа во иднина ќе биде пречка за ноаѓање на работа.