Меѓународен фолклорен фестивал почнува во четврток во Куманово
Во четврток во Куманово започнува седмото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал, во организација на КУД „Панче Пешев“.
Фестивалот ќе трае до недела, а на него ќе настапат фолклорни ансамбли од Парагвај, Порторико, Турција, Казахстан, Србија и Македонија.
„Фестивалот ќе започне во четврток во 18:30 часот со дефиле низ кумановските улици, а свеченото отворање ќе биде во 19 часот на платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Ги повикувам нашите сограѓани да дојдат на концертот и да ги проследат народните песни и игри што ќе ги изведат гостите и домаќините. Направивме одличен избор на ансамбли и се надевам дека сите ќе уживаат“, вели претседателот на друштвото, Зоран Илиевски.
Фестивалот се организира по седми пат, а годинава за првпат дел од програмата ќе се одржи и во соседните градови.
„Годинава имаме една новина – сакаме фестивалот да го доближиме до поширока публика. Свеченото отворање ќе биде на 16 јули во Куманово, програмата ќе продолжи на 17 јули во Скопје и на 18 јули во Кратово, а фестивалот ќе заврши со завршната фестивалска вечер на 19 јули, повторно во Куманово“, додава Илиевски.
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура и туризам.