Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две наставнички од Куманово организираа Меѓународен хуманитарен проект „Дарување, радување - новогодишно разубавување”, во кој се вклучија 89 наставници од 5 држави, 23 градoви, 38 училишта и 1026 ученици поддржани од нивните родители.
Станче Штерјовска и Хилда Димитриевска од Основното училиште „Крсте Мисирков” во период 15 декември до 15 јануари покренаа онлајн акција во повеќе училиштата во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, за донирање на подароци за ранливите категории на граѓани и семeјства, старечки домови, домови за згрижување на деца, здруженија за лица со посебни потреби и др.
Акцијата била поделена во три групи и тоа: првата за собирање облека, обувки и постелнини, втората за подароци за новогодишни пакетчиња и третата за рачно изработени честитки од учениците.
„Преку проектот сакавме да ја разбудиме и поттикнеме свеста кај децата од најмала возраст за дарување и помагање на луѓе на кои тоа им е најпотребно. Да научат дека треба внимателно да ја следат состојбата во својата околина и да делат од она што имаат, да научат да даруваат. Сакавме преку вмрежувањето на наставниците и ширењето на идејата да поттикнеме заинтересираност и активност на наставниците, учениците и нивните родители за организирање на вакви хуманитарни акции, како и подобрување на вештините за тимска работа. Затоа што во тимската работа од една се раѓа друга идеја“, истакна наставничката Хилда Димитриевска.
Проектот го реализирале со помош и поддршка на националните координатори од 5 држави: Цанка Костова, Суада Кариќ, Јелена Бабиќ, Љиљана Соколовиќ, Марија Попадиќ и Кристина Песут, како и членовите од Здружението на одделенски наставници и учители на Македонија, Наташа Тодоровска, Душица Јакимовска и Бобан Поповски - проф. по информатика, кој бил техничка поддршка на проектот.
„Како резултат од проектот добивме многу радосни и насмеани лица, стоплени души, згрижени семејства со топла облека и обувки, храна, играчки и училишен прибор. А пред се` радосни сме што допревме до срцето на овие луѓе и им покажавме дека не се заборавени и сами. Не можеме да правиме големи работи, но малите ги правиме со голема љубов”, вели наставничката Станче Штерјовска.
Подароците и честитките се поделени во Куманово, Скопје, Кавадарци, Битола, Струмица, Сараево, Чачак, Демир Капија, Тузла и други градови.
„Тоа што го знаеме, така и го правиме - мали работи со голема љубов. Се надеваме дека организацијата на вакви и слични акции ќе следи и понатаму, а ова ќе биде само почеток на една долга приказна што ќе ја продолжат помладите генерации,“ рекоа двете наставнички.
Тие нивната мисија ја продолжиле со промоција на проектот во Босна и Херцеговина на Манифестацијата „Добри људи, добра дјела“, каде што биле претстваени голем број хуманитарни акции, слични на нивната, организирани во поширокиот регионот.