МЕПСО ги предупреди земјоделците и риболовците на опасностите во близина на далекуводите
АД МЕПСО ги повикува земјоделците во периодот на наводнување и жетва, да бидат особено внимателни при користење на системите за наводнување, земјоделската механизација и другата опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа.
„Заради безбедност на луѓето и сигурност на електроенергетскиот систем да не се поминува со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците на далекуводите, да не поставуваат цевководни системи за наводнување во далекуводните траси и под проводните јажиња, да не се креваат металнит цевки во близина на проводниците, бидејќи металот е проводник на електрична енергија. Да не се палат стрништа во близина на далекуводи, бидејќи пожарите можат да предизвикаат прекини и оштетувања во електропреносниот систем“, стои во соопштението.
Дополнително, се апелира до спортските риболовци да бидат внимателни при користење на риболовните стапови во близина на далекуводите, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите и заштитните коридори на далекуводите.