Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за образование и наука (МОН) изработи мобилна апликација преку која родителите и старателите полесно да го следат образовниот напредок на своите деца.
Министерката Весна Јаневска објасни дека апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите, редовноста на наставата – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.
„Апликацијата може да се симне на ednevnik.edu.mk или преку банер поставен на веб-страната на министерството и да се инсталира на било кој паметен уред, мобилен телефон или таблет, независно од типот на оперативниот систем. Едноставна е за користење и преку најава и автентикација со истото корисничко име и лозинка кои во моментов ги користат за пристап до електронскиот дневник, над 200 илјади родители и старатели, колку што се регистрирани досега, во секое време можат да имаат брз пристап до информации за образовниот процес на нивните деца“, рече Јаневска.
Таа нагласи дека сите внесени податоци се архивираат, овозможувајќи увид не само во тековната, туку и во претходните учебни години.
„Веќе ја тестиравме и се уверивме во функционалноста на апликацијата. Сигурна сум дека ќе биде многу користена, затоа што нема родител или старател кој не е заинтересиран да го следи и да учествува во образованието на своето дете. Одговорноста за едукацијата на младите е заедничка и подеднаква и на институциите и на семејствата на учениците“, потенцираше министерката.
Јаневска истакна дека за било каква корисничка поддршка при најавување, заборавена лозинка или дополнителни појаснувања околу примената на новата апликација, стручен тим на Министерството за образование и наука е достапен во секое време на електронската адреса [email protected].
Со цел намалување на административниот товар на наставниците, Јаневска информираше дека податоците од електронскиот дневник ќе се печатат само еднаш годишно, на крајот од учебната година, наместо како досега на месечно ниво.
Министерството работи на забрзана дигитализација на образовниот систем. Во таа насока, министерката најави пилотирање на нов електронски систем за административна работа на училиштата и електронски дневник во повеќе училишта, пред да бидат официјално применети.
„Подготвуваме неколку електронски регистри кои ќе се користат за потребите на науката, за признавање на странски високообразовни квалификации и за евидентирање на стипендирани македонски студенти во странство и нивно поврзување со работодавачи. Паралелно продолжуваме со обезбедување на квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа во училиштата, нови дигитални алатки во наставата, а ќе продолжи и дигитализацијата на учебниците“, додаде Јаневска.
Никола Митовски