Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Основниот суд во Куманово денеска на казна затвор од 4 години и 10 месеци беше осуден Предраг Миленков (60) од Софија, кој ja измамил Г.В. (66) од Куманово за 30.000 евра, за наводна сообраќајка на ќерка и.
При изрекувањето на пресудата не беа присутни ни осудениот, ни неговиот адвокат. Одлуката ја соопшти судијата Саша Ѓорѓевиќ, кој го прогласи Миленков за виновен за едно кривично дело измама.
„Оваа појава е зачестена во земјата и не само што се работи за противправно одземен имот во висок износ, туку и за сериозно нарушување на приватноста и на емоциите на семејството. Затоа судот смета дека обвинетиот заслужува висока казна за ова кривично дело“, кажа судијата Ѓорѓевиќ.
На оштетеното семејство му се досудува износ на противправно одземените 30.000 евра, а за траумите и болката што ги претрпело правата ќе ги остварува во граѓанска постапка.
Семејството е задоволно од казната, но вели дека не им значи ништо затоа што Миленков ќе го одлежи затворот, а нема да им ги врати парите. Тие сега стравуваат и за животот на нивната мајка, која тешко се разболела по измамата.
На осудениот му е продолжена мерката притвор до отпочнувањето на казната затвор, а по одлежувањето на казната ќе биде протеран од земјата. Тој има право на жалба.
Миленков заедно со други непознати лица на 31 јануари годинава ѝ се јавиле по телефон на оштетената Г. В. и побарале да им исплати 50.000 евра за да ја спасат нејзината ќерка од затвор затоа што прегазила 20-годишен мигрант. Кога жената кажала дека нема толку пари, измамникот ѝ рекол дека има нејзиниот син, кој се јавил од работа и рекол да им ги даде сите пари што ги имаат дома за да ја спаси сестра си од 15-годишен затвор. Исплашената жена ја собрала сета заштеда на синот во денари и евра и ги однела парите во близина на куќата. Кога се вратила дома, сопругот веќе разговарал со ќерката, која кажала дека се измамени, по што пријавиле во полиција.
Миленков пред судот не признаваше дека е дел од организирана група измамници, туку тврдеше дека и самиот бил жртва откако во потрага по работа како возач преку Фејсбук го запознал Ѓорѓи Ганчев од Бугарија, кој го искористил за неговите дела. Тој го ангажирал да дојде во Куманово за да земе документи од жена со која имал деловна соработка. Откако ја презел торбата видел дека во неа има пари, по што добил наредба да ги однесе во Софија. Миленков е откриен и приведен на 12 февруари. При апсењето кај него биле пронајдени 75 банкноти од 50 евра.