Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
За десетина дена ќе биде распишан јавниот повик за субвенционирање на инвертер клима уреди на Општина Куманово.
Во подготовка е правилникот со потребните услови, а во процесот ќе одлучува комисија формирана од членови на локалната администрација.
За ова мерка се обезбедени 2 милиони денари од општинскиот буџет, а секоја поединечно субвенционирање ќе чини до 20 илјади денари, што практично значи дека 100 домаќинства во градот ќе можат да ја искористат.
Намерата е да се смени начинот на загревање на домовите, од греење на дрва со високо ефикасни уреди на електрична енергија.
„Еден од условите ќе биде семејството кое аплицира досега да се грееле на дрва. Нема да се условува од кого е набавен уредот, тоа би значело фаворизирање на одреден продавач. Формирана комисија ќе ги проверува на терен сите апликации пред одлуката, а подоцна дали е спроведена во целост, дали е намонтирана климата и дали се употребува наместо печката на дрва“, објаснува Момчило Јовановски, од Секторот за комунални работи.
Субвенционирање за набавка на клима уреди е со цел да се намали аерозагадувањето во зимските месеци во Куманово. Паралелно со ова мерка продолжува и она за субвенционирање на домаќинства за приклучок за природен гас, со 25 илјади денари за приватно лице.
Куманово од почетокот на годината во два наврати беше во зоната на висока загаденост со ПМ 10 честички и издаде предупредувања за заштита на здравјето на населението.