Наврнаа 8 литри дожд на квадрат, врнежите престануваат утре
Во текот на последните 24 часа во Куманово наврнаа 8 литри дожд на метар квадратен, потврдуваат од Управата за хидрометеоролошки работи од Скопје.

Дождовите ќе продолжат и денеска со послаб интензитет и ќе престанат утре.
Попладне врнежите ќе бидат со послаб интензитет, но ќе продолжат и во текот на ноќта, а утре ќе престанат. Температурите денеска во Куманово ќе се движат околу 4-5 степени. Во наредните денови температурите ќе бидат малку повисоки - вели Ленче Ризова, дежурен синоптичар во УХМР.
Во Демир Капија наврнаа најголеми количини дожд и тоа 26 литри на метар квадратен, во Гевгелија 11, Битола 9, Скопје 7, а сите други градови се со помалку дожд.
Во кумановско нивото на реките е зголемено, а во РЦУК засега нема дојави за излевања.