Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две недели откако мерката беше промовирана, нема интерес кај сопствениците бесплатно да им се отстранат хаварисаните возила од јавните површини во Куманово.
Досега стигнале само 2-3 пријави, но ниту една од сопственик на возило.
„Само соседите ги пријавуваат хаварисани возила, но нема заинтересираност кај сопствениците за бесплатно отстранување на возилата. Имавме 2-3 јавувања и ниту една интервенција“, велат од ЈП „Куманово-паркинг“.
Мерката беше промовирана на 25 октомври, а и има за цел да се расчисти јавниот простор- паркинг местата, тротоарите и другите површини од возила кои со години не се во возна состојба, скапуваат и пропаѓаат пред очите на сопствениците и минувачите.
Локалниот совет за превенција, со учество на општинскиот сектор за комунални работи, СВР Куманово и ЈП „Куманово паркинг“ обезбедија едномесечен период за бесплатно пружање на услугата, поточно од 25 октомври до 28 ноември. Во тој период сите возила кои ќе бидат пријавени бесплатно ќе бидат транспортирани до лиценциран отпад за старо железо, а сопственикот ќе може да си го наплати возилото, зависно од неговата тежина.
Според извештајот на комуналните инспектори на територијата на Општина Куманово има околу 70 хаварисани возила.
По истекот на крајниот рок, 28 ноември, службите ќе пристапат кон целосно и неселективно отстранување на хаварисаните возила, со цел ослободување на паркинг простор во општината. Возилата ќе се пренесуваат до депото на „Куманово паркинг“, се додека не се појави сопственикот на возилото. Трошокот направен за отстранување на возилата по промотивниот период и „лежарината“ во депото ќе биде на сопственикот на возилото, или на членови на неговото семејство.
Најпрвин ќе се расчистува централното градско подрачје, а подоцна периметарот ќе се прошири и отстранување на возилата ќе се врши и во населбите.