Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Измамници деновиве се обидуваат да извлечат пари од граѓаните преку СМС пораки, кои наводно ги праќа Македонска пошта.
Во пораката стои линк кој води до лажна интернет страница, а жртвите се наведуваат да внесат лични податоци и податоци за платежни картички.
„Во СМС пораката исто така има URL линк, кој води до веб страна што е дизајнирана да изгледа како легитимна веб страна на Пошта, како и на други државни институции и правни субјекти. Преку форма за внес на податоци граѓаните ги внесуваат податоците на своите платежни картички. Обично веднаш се извршува плаќањето на првобитната сума, за после некое време да се изврши поголема трансакција“, известуваат од МВР.
Овие електронски пораки, велат од МВР, се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба. Затоа, апелираат до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.
„Во последниот период, овој тип на измами заземаа друга форма каде што граѓаните се изманипулирани да инвестираат на лажни платформи за инвестирање и тргување на криптовалути“, истакнуваат од полицијата.
Со цел да се заштитат граѓаните од ваков тип на измами, Секторот за компјутерски криминал препорачува да не се отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки од непознати испраќачи, да не се одговара на непознати телефонски броеви, како и да не се оставаат свои лични податоци, податоци од свои платежни картички на непознати веб страни и платформи. Исто така, доколку граѓаните пронајдат одредени платформи или сервиси за инвестирање од било каков тип, задолжително да извршат проверка на интернет за нивната легитимност и автентичност, односно дали исполнуваат одредени критериуми за меѓународна регулација за брокери.
Во ноември, во два одвоени случаи до СВР Куманово било пријавено дека две лица се измамени поврзани со крипто валути.