Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Невладината организација „Ајде да шириме љубов“ традиционално организира акција за доделување на пакетчиња и друга помош на децата од социјално ранливи семејства. Дедо Мраз веќе подели 116 подароци на децата од Габреш, Доброшане и во семејства во Куманово.
Следната акција е планирана за учениците во село Драгоманце, но активен е повикот и за собирање на подароци за ученици од училиштето „Вера Которка“ од Клечовце.
„Во Драгоманце пакетите ги делиме во училиштето затоа што тука има деца кои живеат подалеку или на непристапен терен, и тоа ни е веќе разработена рутина заедно со директорот и наставниот кадар. Ми се јави и директорката на училиштето во Клечовце, па сега повикот главно се однесува на дечињата кои го посетуваат училиштето „Вера Которка“ во селото“, објасни престедателката на задружението, Маре Бојковска.
Секој доделен пакет содржи зимска јакна, зимски обувки и дополнителна гардероба, како блузи, фармерки, тренерки која ја обезбедуваат со помош на донации од граѓани или приватни фирми. Стандардна и официјална бројка им се 116 пакети, но имаат поделено и нешто повеќе од тоа.
Компанијата Елида донирала 120 традиционални новогодишни пакетчиња, а во Гимназијата Гоце Делечев тече акцијата за собирање на уште некое во кои секогаш се наоѓаат слатки, чоколади и сокчиња кои особено ги радуваат децата.
„Тие прехрамбени пакетчиња никогаш не се вишок, на дечињата и да поделиш по некое повеќе нема да останат.А најмногу им се радуваат, додека родителите или старалтелите мака мачат и не можат да им обезбедат суви и топли обувки и јакни кои ќе ги штитат од студот. Ние мислиме дека секое дете заслужува да има нешто ново“, објаснува Бојковска.
Работат со добро познати и проверени семејства, за кои не постои сомнеж дека им е неопходна помош.
„Ајде да шириме љубов“ функционира на база на донации,граѓаните се добро запознаени со нивните активности и самоиницијативно се јавуваат да подарат материјални добра или да уплатат финансиски средства.