Објавен огласот за самовработување – поддршка од 7.000, 10.000 и 20.000 евра за отпочнување сопствен бизнис
Агенцијата за вработување на Република Македонија вчера го објави огласот за пријавување на граѓаните во Програмата за самовработување.
Пријавувањето се врши во сите центри за вработување низ државата и ќе трае од денес до 3 јули 2026 година.
Од Агенцијата информираат дека селекцијата ќе се реализира во неколку фази, со цел да бидат поддржани најдобрите бизнис-идеи и бизнис-планови.
Финансиската поддршка во форма на грант изнесува 7.000 евра за лица постари од 29 години, додека за младите до 29-годишна возраст е предвиден грант од 10.000 евра.
Доколку корисниците се здружат и основаат друштво со ограничена одговорност (ДОО), финансиската поддршка може да достигне до 20.000 евра, во зависност од целната група на која ѝ припаѓаат.
Повеќе информации за условите, критериумите и начинот на аплицирање се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување на Република Македонија.