Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово го објави повикот за пријавување на граѓани за остварување на правото за користење на народна кујна.
Сите кои ќе исполнат условите ќе добиваат по еден оброк дневно во кујната на Ученички дом „Професор Мијалковиќ“.
За таа намена Општина Куманово издвои 6 милиони денари.
„Со ова право можат да се стекнат лица корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право за социјална сигурност за стари лица или лица со телесна или интелектуална попреченост, потполно слепо или потполно глуво лице“, се критериумите во јавниот повик.
Едно лице има право на еден оброк дневно, но во своето барање може да ги наведе сите членови на семејството и ќе добие по еден оброк за секој член. Сите кои ќе аплицираат за ова мерка треба да имаат соодветно решение од Центарот за социјални работи Куманово.
Барањата можат да се подигнат од општинската зграда во поранешен Козјак или на интернет страницата на општината.
За лицата кои ќе го остварат ова право ќе биде изготвено решение кое ќе биде објавено на видно место во просториите на „Професор Мијалковиќ“.
Ова е втора година како се спроведува мерката за социјална заштита на најранливите категории од општинските служби- мината година поради изборите мерката започна да се спроведува од јули, а средствата беа доволни за 73 граѓани на Куманово, иако беа пријавени повеќе од 200.
Истовремено ваква мерка спроведува и Центарот за социјални работи од Куманово, и опслужува повеќе од 250 корисници од Куманово и Старо Нагоричане.