Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од 900 производи, намалени за 10 проценти се најдоа во „Новогодишната кошничка“ која стартува од денеска. Производите ќе бидат јасно обележени со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Ова акција е иницирана од самите производители и диструбутери, а листата на намалени производи не е конечна.
„Оваа акција е направена на иницијатива на бизнис секторот, каде тие понудија производите кои се понудени по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти. Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови“, стои во соопштението на Министерството за економија и труд.
Од Министерството за економија потенцираат дека листата на продукти не е затворена и дека очекуваат да се дополни со дополнителни производи.
Со намалување на цените се опфатени основните прехранбени производи од различни групи на производи (леб и житарици, пекарски производи), месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и други.
Со оглед на тоа што ова акција произлегува од компаниите, а не е владина одлука, не се предвидени казни. Контролата дали се намалени цените или не ќе ја вршат директно граѓаните. Државниот пазарен инспекторат веќе од вчера е на терен да утврди дали се обележани сите производи кои се на листата со намалени цени согласно Законот за потрошувачи.
Со есенската потрошувачка кошница што се применуваше од 24 септември до крајот на октомври беа опфатени само 73 производи, а според анализите на министерството просечно четиричлено семејство заштедило меѓу 690 и 1.360 денари. Наспроти власта, синдикатите реагираа дека трговците ја изиграле мерката зголемувајќи ги цените на производите и најавија дека будно ќе ја следат примената на новогодишната кошничка.
Трошоците за живот во ноември пораснале за 4, 3 проценти според Државниот завод за статистика, а тртошоците на мало за 4 посто во однос на истиот месец лани. Инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: храна и безалкохолни пијалаци за 2,1 процент, рекреација и култура, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 1,5 проценти, ресторани и хотели за 0,8 проценти, облека и обувки, здравје за 0,2 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 процент.
Акцијата е предвидена да трае еден месец, од 15 декември до 15 јануари.