Мени

Наместо „сива зона“, оставам организирано и средено министерство“, вели Стоилковиќ

29.06.2026 11:29 | KumanovoNews

Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ од Куманово, пред заминувањето од функцијата, тврди дека институцијата  останува средена и организирана, благодарение на неговата посветеност при спроведување на новата систематизација и намалувањето на  ненаменските трошоци.

Наместо „сива зона“, оставам организирано и средено министерство“, вели Стоилковиќ

„Пред веќе извесното заминување од Министерството за односи меѓу заедниците (МОЗ), нека остане забележано дека од „сива зона“ на системот, денес Министерството, со нова систематизација, го оставам средено и организирано на мојот наследник“, вели Стоилковиќ.

Во своето обраќање до граѓаните, тој наведува дека успеал да го намали буџетот на Министерството повеќе од трипати, да ја заврши распределбата на јавните службеници на работните места и да ја укине програмата преку која, се земала плата без да се оди на работа.

„Од многуте работи би сакал да потенцирам две. Првата се однесува на целосното кратење на ненаменското трошење на буџетските средства. На пример, буџетот на МОЗ во 2021 година изнесувал 577.780.000 денари, а во 2026 година изнесува 173.500.000 денари, односно е намален за повеќе од трипати. Притоа, и покрај намалувањето, реализирани се сите програми, а воведена е и нова програма. Тоа значи дека се скратени средства кои претходно биле користени за т.н. „коруптивни“ цели и дека повеќе нема трошење пари на граѓаните за фиктивни јавни набавки, угостителски услуги, консултантски услуги, сомнителни договори на дело, исплата на додатоци на плата и К-15 за лица кои не одат на работа“, наведува Стоилковиќ.

Како втор значаен резултат го посочува укинувањето на Програмата К-5, бидејќи поранешниот министер, злоупотребувајќи ги недоследностите во законската регулатива и т.н. балансер, овозможил функционирање по принципот „седи дома и земај плата„.

„Во 2021 година станувало збор за повеќе од 1.500 лица кои земале пари од граѓаните, а не оделе на работа. Со Буџетот за 2026 година процесот на прераспределба на административните службеници е целосно завршен, а Програмата К-5 е укината. Со тоа е ставен крај на пристапот ‘седи дома, земај плата’ и рационализиран е бројот на вработени во МОЗ“, вели Стоилковиќ.

Тој очекува дека со новиот Закон за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура, да се обезбеди почитување на принципот на правична застапеност како основа за инклузивност и еднакви можности во јавниот сектор, како и гарантирање стручност, компетентност и квалитет при вработувањето.