Oдземена дозволата за работа на „Беса транс“ - автобусот немал лиценца за меѓународен транспорт

24.11.2021 21:44 | Сузана Николиќ

Министерството за транспорт и врски ја одзеде дозволата за работа на фирмата „Беса транс“, бидејќи автобусот во кој загинаа 45 лица немал лиценца за вршење на меѓународен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз на патници. 

Oдземена дозволата за работа на „Беса транс“ - автобусот немал лиценца за меѓународен транспорт

Исто така возило не било евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници која ја води Министерството за транспорт и врски.

„Согласно член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, а поради недостатоците што се утврдени од страна на Министерството за транспорт и врски, а воедно и со цел да се превенира какво било друго дејство од страна на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици, на „Беса транс“ и се одзема лиценцата за работа, односно се забранува вршење на дејност. Фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски. Дополнително, Владата на последната седница го задолжи Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор на превозникот“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Инаку, во автобусот на „Беса транс“ вчера во 3 часот по полноќ на автопатот Струма, од Софија за Благоевград, загинаа 45 македонски граѓани, а 7 се повредени, додека се враќале од екскурзија во Турција. Причините како дошло до несреќата ќе ги покаже истрагата.

(Фото: Фејсбук)

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk