Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово во 2021 година ќе субвенционира комунални трошоци на шест ранливи категории на граѓани.
Согласно донесената одлука на Советот на Општина Куманово, сто и педесет самохрани родители ќе можат да добијат субвенција за комунални трошоци, сто семејства каде има стечајни работници, згрижувачки семејствата за кои има проценка дека на територијата на Општина Куманово се 10-тина, потоа децата без родители и родителска грижа, граѓаните коишто се наоѓаат во социјален ризик, а се постари од 65 години и добиваат социјална или старосна пензија и категорија на граѓани коишто се приматели на гарантирана минимална помош, а се станбено необезбедени или живеат под кирија, за кои има проценка дека во Општина Куманово се околу двесте и педесет семејства.
„Оваа година, за разлика од 2020 година, освен двете категории на коишто им ги финансиравме комуналните трошоци, заклучивме да ги прошириме категориите. Оваа година со одлуката на Советот на Општина Куманово, ќе се субвенционираат шест категории граѓани“, рече на прес-конференцијата советникот Цоки Ристевски.
Ќе се субвенционираат околу 600-700 семејства, за кои Општина Куманово од својот буџет има предвидено 10 милиони денари.
Заинтересираните граѓани, барањата за субвенционирање на комуналните трошоци можат да ги подигнат во Архивата на Општина Куманово и во Одделението за социјална и детска здравствена заштита коешто се наоѓа во зградата на поранешен „Козјак“ на првиот кат. Документите потоа треба да се достават во архивата на Општина Куманово. Рокот на поднесување на документите започнува од 1-ви јануари, а ќе трае до 20-ти јануари.
Доколку на граѓаните им се потребни дополнителни информации, можат да ги добијат на телефонскиот број 075 323 569.