Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Итно да се донесе Закон за комунална полиција, бара Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вели дека на општините, а особено на Скопје му е неопходен еден ваков начин на делување за да се воспостави ред и затоа тој ќе побара од Владата да се донесе вакво законско решение и да се изгласа во Собранието.
Дека е потребно воведување на ваква комунална служба посочуваат и од Општина Куманово, поточно од Секторот за инспекциски надзор, кои велат дека моменталното решение со комунални редари не ги дава очекуваните резултати.
„Комуналните редари да се заменат со униформирана комунална полиција заради поефикасно спроведување на Законот за чистота. Со воведување на комунална полиција и граѓаните ќе имаат обзир и ќе внимаваат на своето однесување на јавен простор“, велат надлежните.
Комуналните полицајци ќе казнуваат за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање на јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично.
Вакви служби постојат во соседните земји. На пример, според искуствата од Белград, на 5.000 жители потребен е еден полицаец, што значи на Скопје би му требале од 100 до 120 комунални полицајци, кои би ги замениле полицајците од МВР.
Поради немање на ефикасна контрола, сега се паркира кој каде ќе стигне, ѓубре има насекаде, постојано се создаваат нови депонии, редовно се палат контејнери и се кршат и корнат корпи за отпадоци и клупи, и се уништуваат садници.
(извор.сдк.мк)
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk