Општинскиот штаб донесе вонредни мерки за заштита од пожари
Општинскиот штаб за заштита и спасување денеска одржа вонредна седница, на која се разгледуваше актуелната состојба со пожарите на територијата на Општина Куманово.
Посебен акцент беше ставен на пожарот на депонијата Краста, кој подолг временски период ја загадува животната средина и го загрозува здравјето на граѓаните, особено на жителите од селата Пчиња и Студена Бара.
Врз основа на податоците од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово, изготвен е план и се донесени заклучоци по кои ќе се постапува во наредниот период.
„Ја ставивме на располагање целокупната механизација на сите јавни претпријатија за потребите на ЈП „Чистота и зеленило“, со цел да се врши дополнителен нанос на земја на депонијата. Истовремено, ќе ја вклучиме и механизацијата на приватните претпријатија со кои Општината соработува, за целосно гаснење на пожарот, кој е предизвикан од подземните гасови. Дополнително, го задолживме Општинскиот инспекторат и МВР да формираат заеднички тимови, односно позорникарска служба, која ќе биде активна на локациите каде што најчесто избувнуваат пожари. Конкретно, тоа е просторот покрај реката Липковка, каде што постојано се палат пожари, а сторителите мора да бидат откриени. Исто така, ќе биде воспоставен вонреден пункт на Противпожарната единица кај Спомен-костурницата, со цел побрза интервенција на оваа локација“, изјави по состанокот градоначалникот Максим Димитриевски.
Општина Куманово ќе стави на располагање и едно возило на Подружницата на Национални шуми за справување со шумските пожари, бидејќи оваа служба не располага со доволно кадар и техничка опрема.
Градоначалникот ги повика граѓаните да бидат внимателни и да се грижат за сопствениот имот, и да помогнат за да не дојде до предизвикување пожари. Воедно, најави дека од управителите на станбените згради ќе биде побарано редовно да ги одржуваат површините околу зградите, а ќе се организира и дополнителна акција за чистење на дивите депонии.
Посебно внимание ќе биде посветено и на трговските објекти, бидејќи дел од нив картонската амбалажа ја оставаат во контејнерите, со што се создава потенцијална опасност од избувнување пожар.
Покрај депонијата Краста, една од најкритичните точки во моментот е и населбата Перо Чичо, покрај железничката пруга, каде речиси секојдневно горат сува трева и отпад.
Димитриевски ги повика граѓаните да пријавуваат секое сомнително однесување или намерно предизвикување пожар, со цел институциите навремено да интервенираат на терен, како и да покажат граѓанска одговорност и да учествуваат при нивно гаснење.