Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во среда со почеток во 19 часот ќе се одржи ораторска вечер во организација на општинската организација на Црвен крст Куманово.
Ова е прв ваков настан, а се организира под мотот „Уметноста преку волонтирање“. На јавниот повик се пријавиле 12 лица, волонтери на Црвен крст од различни градови од државата.
„Заврши пријавувањето и сметам дека се доволни 12 оратори кои за 3 до 5 минути ќе ги застапуваат своите ставови на темата. Ангажирана е тричлена комисија на дипломирани филолози, професори по македонски јазик и литература кои најпрвин ќе ги подготвуваат учесниците, а подоцна и ќе ги оценуваат есеите, но и настапот и начинот на презентација. Обезбедивме симболични награди за најдобрите“, истакна Ива Младеновска, секретар на Црвен крст Куманово.
Во повикот беше нагласено дека темата е избрана за волонтерите да размислат за тоа како доброволната работа може да инспирира за да творат и создаваат уметност. Се нагласува прашањето дали волонтерството влијае на создавањето на уметност и во која мера насочува да се посветат на кажаниот збор.
Ораторската вечер ќе се одвива во кубус на вториот кат на Центарот за култура. Влезот е слободен за сите заинтересирани.