Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ортопедскиот одел во Кумановската болница повторно работи, по 4 годишна пауза.
Веќе три месеци во амбулантата работат двајца специјалисти ортопеди, со пациентите кои имаат ортопедски повреди или вродени деформитети во системот за движење.
По големата пауза, се надевам дека како млади хирурзи ќе ја надоградиме ортопедијата со нови содржини, особено во хируршкиот оперативен дел. Добиваме целосна подршка од Клиничкиот центар во Скопје за да ја подигнеме нашата работа на едно повисоко ниво, се во интерес на граѓаните. Имаме најава за помош во апарати од една германска клиника и очекуваме дека во септември ќе го опремиме и ехо кабинетот за контрола на вродени ишчашувања на колкчиња кај малите деца. Исто така се работи на опремување на ортопедска операциона сала со инструменти-изјави Стефан Трајановски, ортопед-хирург.
Во амбуланта, покрај доктор Трајановски работи и неговиот колега Минур Бајрами. Со набавка на ортопедскиот стол ќе се создадат услови за вршење на оперативни зафати на колкови.
Оделот за ортопедија во Општата болница Куманово, беше затворен пред 4 години по 35 години непрекината работа, заради недостаток на стручен кадар. Празнината беше надополнувана со повремени доаѓања на лекари од скопските клиники, но претставуваше голем недостаток за пациентите кои и за најбанални прегледи одеа во Скопје или во приватните ординации во градот.