Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија синоќа беше отворена изложба со антивоени карикатури.
Изложбата е дел од генералното собрание на Асоцијацијата на градови носители на порака за мир, кое деновиве се одржува во Куманово. Изложени се педесетина карикатури од автори од Србија, Црна Гора, Турција, Иран, Украина и други земји. Изложбата ја отвори градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски.
Изложбата е биенална, се одржува на две години. Салонот за антивоена карикатура од Крагуевац објавува конкурс, учествуваат автори од целиот свет, се доделуваат награди и гостува изложбата во повеќе градови, а стои и во холот на Обединети нации - рече Дамјановски.
Славица Коминац, заменик претседател на собранието на град Крагуевац вели дека карикатуристите на креативен начин испраќаат пораки за мир.
Праќаат порака дека војната никому не носи добро. Илјада преговори, договори вредат повеќе од војна - вели таа.
Душан Стојановиќ, заменик генерален секретар на Асоцијацијата на градови носители на порака на мир, рече дека Куманово е еден од најактивните градови во оваа организација која постои 30 години.
Примен е во Сараево во 2007 година. Побаравме од Куманово да не угости, да ни обезбеди простории за собранието што се одржува еднаш годишно. Сакаме да испратиме порака за мир, да оддадеме почест на вашиот мултиетнички град по она што се случуваше во пролетта - кажа тој.
Гостите од повеќе земји ќе ги посетат населбата Тоде Мендол каде имаше вооружени дејствија и Прифатниот центар за бегалци на Табановце.