Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Куманово, синоќа беше отворена изложбата „Денови на македонската фотографија 2015“, организирана од Фото кино клуб „Козјак“ од Куманово и Фото сојуз на Македонија.
На 53-то издание на „Денови на македонска фотографија 2015“ се поставени 112 фотографии од 46 автори. Специфично за оваа изложба е што учествуваат и многу млади автори. Македонските фотографи се докажуваат во земјава и во странство.
Годинава во Индонезија на 28-то светско биенале на една од најголемите фотографски изложби каде учествуваа повеќе држави со свои колекции, македонската колекција составена од 20 автори и толкав број на фотографии, зеде награда за прв пат во историјата на македонската фотографија и тоа е еден од најголемите успеси - изјави, претседателот на Фото сојуз на Македонија, Боро Рудиќ.
Стручното жири во кое членуваат Цветан Гавровски, Душан Доцевски, Владимир Арсовски и Зоран Петровски, кустос советник од Музејот на Совремeна уметност доделија награди и дипломи за колекција на фотографии и за поединечна фотографија.
Членот на кумановскиот клуб Фото кино клуб “Козјак“, Милош Нешковски ја освои првата награда за неговата колекција „Илузија на црвено“.
Наградата ми дава поттик да работам уште повеќе - изјави Нешковски.
Претседателот на ФКК Козјак и добитник на диплома за поединечна фотографија, Дејан Ангеловски изјави дека организација на манифестацијата и освоените награди се потврда дека Козјак како фото-кино клуб е најуспешен во градот.
Втората награда за колекција на фотографии ја доби Дејан Гилески од ФК Елема од Скопје, а третата Ивона Кочов од Фото клубот Битола. За поединечна фотографија наградени се Коста Дупчинов од битолскиот фото клуб, а втората награда ја зема Раде Луковиќ од Фото Клубот Елема, додека третата награда ја освои Ивона Кочов од Битола. Наградата „Благоја Дрнков” е доделена на фотографот Рилинд Хоџа.
Во младинска категорија наградени се Ханис Багашев, Филип Кузмановски и Ана Андонова.